Гачевски: Лани направивме голем успех, но сега Вардар врти нов лист

Филип Гачевски е еден од фудбалерите кои беше дел од Вардар минатата година, кога тимот оствари историја и се пласира во групната фаза на Лига Европа. Сега, за вардарци следи предизвик наречен Пјуник, во рамки на првото коло од квалификациите на Лига Европа.

„Минатата година направивме најголем успех во македонскиот фудбал, а оваа година вртиме нова страница. Речиси цел тим се нови играчи и наша цел е да го минеме Пјуник. Наша најголема цел е на гостувањето во Ерменија да дадеме гол и на реваншот да победиме и да го елиминираме Пјуник. Сите играчи и тренери и стручен штаб сме свесни дека ланскиот успех не ни игра улога сега. Наша цел е да го победиме Пјуник и да одиме во вториот круг. Гледавме видеоанализи од противникот, се работи за добар тим. Сеедно ако минатата година заврши на петтото место во Ерменија. Спремни сме и ќе го дадеме нашиот максимум да успееме“, изјави Гачевски.

Првиот натпревар во Ерменија се игра в четврток од 16.00 часот, додека реваншот во Скопје е за седум дена, на арената „Филип Втори“.