Гачевски и вардарци незадоволни од одлуката: ФФМ е задруга

Долго очекуваната одлука за „случајот Христовски“ ја доби својата разрешница. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со официјално соопштение обелодени дека натпреварот Гостивар - Локомотива Пехчево ќе биде регистиран со 1-0 за домашната екипа, а фудбалерот и клубот ќе бидат предадени на дисциплинска постапка, по која може да бидат дополнително казнети.

Овој епилог донесе незадоволство кај една од екипите која се жалеше на целиот случај, тоа е екипата на Вардар, од каде јавна реакција испрати голманот Филип Гачевски, а доби поддршка и од повеќе свои соиграчи на објавата на социјалните мрежи.

Филип Гачевски ја спореди Фудбалската федерација со реално шоу, се работи за „Задруга“, шоу кое се емитува низ телевизииет на Балканот. Причината за незадоволство кај Вардар е затоа што сите се едногласни дека бодовите морале да бидат доделени на Локомотива Пехчево, затоа што на мечот настапил играч кој немал право за настап.

Фудбалската федерација на Македонија на нова седница, овој пат на Дисциплинската комисија, ќе одлучува за судбината на Гостивар и дали клубот ќе добие бодовна казна, а Христовски ќе добие суспензија. 

Пред една деценија, Вардар доби санкција за вакво нешто, кога беше донесен во клубот Антонио Бујчевски, но настапи во „црвено-црниот“ дрес без право за настап.