• Мартин Танасковски
Филип Гачевски е „спасителот“ на Енозис. Голманот кој направи трансфер од Вардар на Кипар брани во врвна форма и како еден од најдобрите чувари на мрежата во првенството го вивна својот тим нагоре во борбата за опстанок.
Македонскиот голман пристигна во кипарскиот шампионат во месец септември, но стартот не беше воопшто лесен, затоа што шансата ја чекаше од клупата за резерви. Но, откако ја доби можноста да стане „единица“ на Енозис, ниту еднаш не разочара и се афирмира во прв голман на тимот.
„По шест години во македонското првенство, трансферот во Кипар ми дојде како голема промена. Не очекував дека се работи за така тешко првенство, ми требаше мала адаптација. Почнавме со тимот многу лошо, бев на клупата за резерви, но два месеци работев напорно, имав по три тренинга на ден со мојот голмански тренер од Панатинаикос и тој ме подготви максимално. По шест натпревари на клупа, ја добив „втората шанса“ во Енозис и максимално ја искористив до денес“, вели Гачевски.
Енозис има одличен учинок во кипарскиот шампионат и откако Гачевски застана меѓу стативите редовно, собра 16 бода во нешто околу еден месец. Голманот беше главен виновник за голем дел од бодовите, затоа што фати два пенали со АПОЕЛ и АЕЛ Лимасол, а исто така беше одличен и во големата победа над Омонија.
„Бевме на лошо место кога дојдов во екипата, бевме последни. Но, сега фативме ритам и сме одлични. Одиме полека, од меч во меч, нашата цел е да осптанеме во лигата и да останеме далеку од долниот дел затоа што тука испаѓаат четири екипи. Играчите ме примија одлично, исто е и со стручниот штаб, навивачите, директорите, претседателите... сите се задоволни од мојата моментална форма“, додава голманот.
Во Енозис тој кога пристигна не беше сам, затоа што имаше „познато друштво“. Дел од кипарскиот тим се Хуан Фелипе и Џонатан Балотели, со кои Гачевски беше дел од Вардар.
„Кога дојдов тука, во тимот беа Фелипе и Балотели. Се знаеме и тие беа заедно со мене од првиот дел. Балотели сега ќе си замине, прави трансфер во Јужна Кореја, а за Хуан Фелипе не треба да се зборува многу, тој е голем играч и ги знаеме неговите квалитети доста добро“, истакна македонскиот голман.
Гачевски ја прати и ситуацијата со Вардар, тим во кој претходно тој беше капитен и чиј дрес го носеше повеќе од шест години и успеа да постави многу голмански рекорди.
„Ја следам цело време ситуацијата во Вардар. Вардар ме направи играч, благодарен сум и го следам. Многу добра работа направија „Комитите“, со таа акција за билетите, јас како поранешен играч на Вардар зедов учество во акцијата. Скопје треба да се разбуди сега, за еден Вардар што е поим во мак-фудбалот не смее да биде проблем да се распродава цел стадион. За ситуацијата во клубот, не знам што да кажам, се слушам со играчите и секогаш доаѓаат нови зборови и нови дати. Мислам дека треба да дојде тој ден конечно кога треба да се отворат картите и да се каже дали ќе се спаси Вардар и што ќе биде во иднина. Затоа што овој тим заслужува да биде спасен. Жално ми е да гледам други екипи на врвот во македонската лига. Мора Вардар да се врати во шампионските денови, затоа што овој клуб тоа го заслужува. Вардар е симболот на Македонија“, открива Гачевски.
Македонија ќе игра на Европското првенство (ЕП) во фудбал, а голманот на Енозис вели дека е среќен што неговите пријатели од националниот тим успеале да донесат фудбалска историја.
„Тоа е голема работа, секоја чест за тимот што се пласираа на ЕП. Сите ние што не сме во репрезентацијата навивавме за нашите пријатели во националниот тим. Навистина ми е драго ми е што Македонија ќе игра на таков настан, тоа е големо признание и ќе се памети како историја. Пласманот е успех, а што се однесува до групата, во сите дуели мора да се игра без притисок, па со концентранција малку среќа може да дојдеме до резултат во овие средби“, заврши голманот.
Енозис во моментов е на единаесеттото место во кипарската Прва лига, а во следното коло кое на програмата е викендов го чека гостување кај Папос, инаку еден од директните ривали во борбата за опстанок.