• Иван Димовски
Фудбалерите на Вардар претрпеа пораз од Црвена Звезда (1-3) во пријателски натпревар од хуманитарен карактер посветен на трагедијата во Кочани пред еден месец. По средбата на „Тодор Проески“ беше организирана и прес-конференција на која зборуваше голманот на вардарци, Филип Гачевски.
„Како нација ни се случи голема трагедија, така што сакаме да дадеме голема благодарност на сите што дојдоа и на Црвена Звезда што го прифати нашето барање. Се надевам дека нема да има потреба повеќе никогаш да играме натпревари за ваков настан, туку за нешто поубаво во иднина. Нашата прва цел беше опстанок во лигата, со една добра низа имаме десет меча без пораз. Се наоѓаме на добар пат. Голема е разликата да играш пред 25.000 и пред 1.500 гледачи, но имаме еден нов и квалитетен тим. Секој меч сме се подобри. Одиме на победи како што ни доликува. Со едната нога сме и веќе во Куп-финалето. Се надевам дека ќе играме финале пред полн стадион како што беше денес и ќе излеземе во Европа“, изјави Гачевски.
На нашиот најголем стадион имаше околу 25.000 навивачи, а сите средства од билетите ќе бидат донирани за настраданите во трагедијата.