Гачевски е интересен за Австрија Виена

Македонскиот голман кој ги брани боите на Вардар, Филип Гачевски, е интересен за австрискиот бундеслигаш и еден од најтрофејните тимови во земјата, Австрија Виена.

Чуварот на мрежата на вардарци како капитен беше еден од подобрите играчи во составот на двомечот со Пјуник, заедно со Евгениј Новак и Тигран Барсегјан. Претставници од Австрија го следеја на овој двомеч и можно е да се направи трансфер до крајот на преодниот рок.

Во целата ситуација не се прашува само Гачевски, туку и Вардар, затоа што голманот е под договор со „црвено-црните“. Гачевски имаше одлична ланска сезона, посебно во Европа, каде со своите одлични одбрани го однесе Вардар во групната фаза на Лигата на Европа.

Голманот кој има 27 години во Вардар пристигна во 2015 година од Брегалница, а претходно настапуваше за австриски Луштенау и Капфенберг, како и словенечка Мура. Сопственик е и на рекордот по минути без примен гол во мак-фудбалот, затоа што кога беше член на штипјани, мина вкупно 912 минути со „чиста мрежа“.