Гачевски: Црвена Звезда е инспирација за секој фудбалер

Лидерот во ПМФЛ, екипата на Вардар, ги одработува подготовките во Турција во полн ек. Се одиграа три пријателски средби, на трите се доживеа пораз, а капитенот на тимот Филип Гачевски вели дека на овие дуели резултатот не е во прв план, туку екипата добро да се подготви,.

„Натпреварите што ги игравме беа влез на подготовките. Сите играчи добивме шанса, игравме во комбинирани состави по 45 минути. Играа и млади фудбалери што е доста важно сега за Вардар, а резултатот искрено не ни беше премногу важен, туку важно беше да се спремиме сите добро, да одиграме мечеви со посилни екипи и да добиеме шанса. Сега ни допаѓаат последните два меча, со Црвена Звезда и Мура, на тие полека ќе се игра и ќе се гледа да се биде рамноправен 90 минути“, вели Гачевски за Gol.mk.

Досега „црвено-црните“ одиграа пријателски со Хајдук Сплит, Динамо Киев и српска Бачка Топола.

„Игравме со Хајдук и Динамо Киев, како и Бачка Топола. Тие три натпревари ни беше доста важно да се подготвиме. Подготовките се одлични, имаме добра атмосфера, едноставно жал ми е само против Хајдук што имавме водство, потоа и шанса да победиме, ама на крјаот загубивме. За со Динамо Киев нема што да се каже, затоа што се работи за врвна екипа, многу беа посилни од нас“, додава Гачевски.

Следен натпревар ќе биде дуел со српскиот првак Црвена Звезда, балкански фудбалски гигант и учесник во групната фаза од Лигата на шампионите.

„Мислам дека Црвена Звезда е инспирација за секој фудбалер на екс-ју просторите. Сами знаеме дека во Југославија мечот на Вардар и Црвена Звезда беше едно големо дерби. Максимално се подготвуваме за оваа средба, затоа што одиме кон крајот на подготовките. Секој фудбалер што ќе добие шанса ќе го остави срцето на терен, ќе одиме да се надигруваме“, заврши капитенот на вардарци.

Натпреварот меѓу Вардар и Црвена Зведа се игра на 29 јануари (среда).