ВИДЕО: Гачевски читаше пенали, Вардар ја исфрли Беса!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар продолжува во следната фаза од Купот на Македонија. „Црвено-црните“ успеаја да слават над најтешкиот ривал Беса и тоа по пенали (1-1 регуларен дел, 6-5 пенали) и патуваат меѓу најдобрите шеснаесет во најмасовното натпреварување во мак-фудбалот во кое трофеј чекаат од 2007 година.

  • Извештај од натпреварот:

Дуелот почна со иницијатива на Вардар, а во 9. минута по еден слободен удар, Дејан Цветаноски имаше убава шанса ама не ја реализира. Во 21. минута, Фатмир Ариф стартуваше врз Владимир Жоглев во казнениот простор, судијата Крумислав Ѓорѓиев покажа на белата точка, а најстрогата казна во гол ја претвори Михајло Милосавиќ. Само неколку минути подоцна, Беса израмни на 1-1, исто од пенал. Давид Велковски го собра Зани Назифи, а Арменд Алими успеа да погоди иако Гачевски го прочита неговиот шут. Топката се одби до играчот на Беса по одбраната и така домашниот тим израмни на теренот во Врапчиште.

Најдобрата шанса до полувремето ја имаше Џемаил Есати од далечина, но шутот на играчот на Беса заврши крај дирекот. Во второто полувреме голманот Филип Гачевски се истакна во два наврати и го спаси Вардар. И во двата наврати беа шанси на новите играчи кои ги уфрли Таневски. Откако немаше голови во вториот дел, следеа пеналите.

Прв од белата точка шутира Вардар, ама Педрињо го промаши целиот гол. За Беса, тргна Изаир Емини, кој се покажа како сигурен изведувач. Прв стрелец во серијата за вардарци беше Филип Дурански, за противникот погоди Алими, а „црвено-црната“ реализација ја продолжи Љутви Билали. Гачевски го врати Вардар во пенал-серијата кога му фати шут на Драгарски, а Лука Трајковски ја стави Беса под притисок.

Џемаил Есати го погоди четвртиот пенал за Беса, Христијан Вецески се покажа како сигурен за Вардар, а Ерсин Шабани израмни на 5-5. За најтрофејниот реализира и Азер Омерагиќ, а Гачевски го сопре Октај Ракипи и го однесе Вардар во осминафиналето.