Гачевски: Без Вардар во Прва лига, нема силен македонски фудбал!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар игра во одлична форма. „Црвено-црните“ се лидери на табелата, а во последната победа против Саса одличен беше голманот Филип Гачевски кој успеа да одбрани пенал и да сочува нова чиста мрежа во второлигашката конкуренција.

Вардар се наоѓа во добра позиција во однос на ривалите, им бега бодовно и е лидер во единствената Втора лига. Ова е добар старт за некогашниот шампион на Македонија кој ја минува втората сезона во второлигашкото друштво. Гачевски, сепак, вели дека е рано за прогнози, ќе се оди чекор по чекор.

„Нашата цел и на тренерот и на екипата е да одиме чекор по чекор, од меч во меч. Сите знаеме дека ова е можеби наша последна шанса како играчи од оваа генерација да влеземе во Првата лига. Сите фудбалери сме свесни што не чека и моментално ни оди добро. Спремни сме да го вратиме Вардар онаму каде му е местото и пак Вардар да биде оној каков што му доликува. Без Вардар во Прва лига, нема силна Прва лига и без силен Вардар нема силен македонски фудбал“, вели Гачевски.

Тренерот Бобан Грнчаров има одлична прва авантура во Вардар. Не знае за пораз по 14 натпревари - има 13 победи и еден нерешен резултат. Најискусниот играч во таборот на вардарци вторпат соработува со некогашниот стопер, откако претходно двајцата го носеа вардаровиот дрес како играчи.

„Со Бобан Грнчаров игравме заедно пет години во ист тим. На него му посакувам успешна тренерска кариера и заедно да го внесеме Вардар во Првата лига. Засега ни оди добро, можам да кажам дека и тренерот и стручниот штаб имаме разбирање за сите работи и работиме заедно со една цел, тоа е Вардар пак да биде меѓу најдобрите во македонскиот фудбал“, додава голманот.

Вардар доживеа многу промени во изминатото лето, пред се на играчки план. Дали овој Вардар е посилен од оној од лани?

„Не можам да кажам дали е подобар или не е подобар од лани, без разлика што има промени во екипата. Можеби овој Вардар е посилен на психичќи план, затоа што сите што дојдоа и сите кои останавме знаеме што сакаме и што не чека. Ова е нашата последна шанса. Сите кои сме во тимот функционираме одлично, имаме најдобар тим во лигата и секоја чест на сите играчи кои се адаптираа на новата средина. Вардар е Вардар, сам по себе бара резултати, носи притисок, а сите играчи добро се справуваат со тоа“, образложи Гачевски.

Следните кола носат први сериозни предизвици, со главните ривали Гостивар и Воска. Но, Гачевски размислува на првиот кој е следен на менито, тоа е Беса. И не подалеку од тој меч.

„Следните кола се со конкурентите, но не размислувам подалеку од Беса. Нашиот цел како што кажав е чекор по чекор. Фокусот е на Беса, играме дома, а кога Вардар игра дома секогаш сака да победува. Одиме по нови три бода за да ја продолжиме добрата серија и да се движиме по патот кој го посакувавме“, е ставот на голманот.

А, каква е моменталната ситуација во Вардар? Гачевски вели - максимална поддршка постои од сите страни.

„Свесни сме дека на сите ни е тешко, исто и на нашиот сопственик Слободан Крстевски. Секоја чест за човекот кој толку ризикува и прави се што е во негова моќ за Вардар. Ние сите сакаме да му вратиме за тоа. Јас сум свесен што доаѓа за нас, затоа што знам како е да се игра во Вардар кога е во тешка ситуација. Сега Вардар е во Втората лига, претходно кога бев тука во 2020 година со Александар Васоски ја освоивме титулата, а седум месеци немавме земено плата. Ние играчите со стручниот штаб и навивачите, нашите „Комити“ ја градиме таа убава атмосфера околу Вардар, треба така и да продолжиме“, раскажа тој.

Без „Комитите“, Вардар можеби и немаше да постои. Вардаровата единица јавно им се заблагодари на навивачите за се што прават за клубот.

„Искрено, јас сум со Вардар од почетокот кога тимот беше најсилен, кога играше во Лига Европа и сега кога сме второлигаши. Ние уште во времето кога освојувавме титули со Гоце Седлоски немавме вака голема поддршка на терен и надвор од терен. Секоја чест за „Комитите“ што ги прават сите овие работи за нас, тие дефинитивно се 12-тиот играч“, се заблагодари 32-годишникот.

Голманот имаше и едно обраќање на социјалните мрежи упатено кон селекторот Благоја Милевски. Вели дека е револтиран, затоа што ниту еден квалитетен играч од Вардар не добил повик во „домашната репрезентација“, за тестот со Саудиска Арабија, иако повеќе имиња го заслужиле тоа.

„Имам голема почит кон Благоја Милевски како тренер, знам дека тој беше тренер на Вардар и многу пати кажал дека е вардарец. Но, жално е што не даде поддршка на ниту еден вардарец во тој тим со играчи од домашното првенство за Саудиска Арабија, затоа што нашиот тим покажува голема борба. Повеќе пати селекторот кажал дека на играчите им треба поддршка кога се враќаат од повреди, кога немаат минутажа, навистина жалам што на тој список нема ниту еден играч од нашиот Вардар. Таму има играчи кои заслужуваат повик во таа домашна репрезентација“, заврши голманот.

ВМФЛ за Вардар продолжува в недела, а натпреварот против Беса се игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.