ВИДЕО: „Фуријата“ ја оддува Албанија и го потврди директниот пласман на СП

Фудбалската репрезентација на Шпанија забележа сигурен триумф во Аликанте над Албанија (3-0) и официјално обезбеди директен пласман на Светското првенство (СП) кое во 2018 година ќе се игра во Русија.

„Фуријата“ на домашен терен ги оддува Албанците уште во првото полувреме и ги реши сите дилеми на натпреварот. Фаворитот ја оправда улогата и се зацементира на првото место, на едно коло пред крајот. Шпанците тргнаа офанзивно уште од почетокот, а првиот погодок падна во 16. минута, кога погоди Родриго, по асистенција на Иско.

Во 24. минута следеше и втор гол, овој пат на Иско, кој погоди по асистенција на Коке, додека во 27. минута, Шпанија стави печат на победата, со гол на Тиаго Алкантара. До финишот на мечот Шпанците имаа шанса да постигнат уште најмалку еден гол, но обидите на Коке и Родриго завршија неуспешно.

Албанија најсериозната шанса ја имаше во 26. минута кога се закани Љуљаку, но неговиот удар заврши во пречката, а исто така, гостинот имаше закана и во 73. минута, но Латифи не успеа да го надмудри Де Геа.

На вториот меч од групата „Г“, Израел со минимални 1-0 успеа да слави над Лихтенштајн. Единствениот гол на мечот го постигна Тиби, во 22. минута од мечот.