ВИДЕО: Фудбалското олимписко злато одново за Шпанците, Франција поразена во луд меч со ОСУМ гола!

Фудбалската селекција на Шпанија по пауза од 32 години е олимписки шампион! Во драматично финале по продолженијата падна домашната селекција на Франција со 3-5, откако во регуларниот дел резултатот беше 3-3. 

  • Извештај од натпреварот:

„Триколорите“ имаа старт како што посакуваат поголемиот дел од фановите на трибините, откако Милот ја искористи грешката на шпанскиот голман Тенас и донесе водство за Франција од 1-0. Но, домашната радост кратко траеше, затоа што „фуријата“ одигра неверојатни десет минути, во кои постигна дури три гола.

Резултатот го израмни Фермин Лопез, по мајсторска асистенција на Алекс Баена, а во 25. минута младиот ас на Барса одново беше кобен за домаќинот и Шпанија направи пресврт и поведе со 1-2. Но, тоа не беше сè од налетот на Шпанците, бидејќи најдобриот момент на натпреварот се случи во 28. минута кога Беана биеше снајперски од слободен удар и на својата селекција ѝ донесе сигурни 1-3, резултат со кој се замина на одмор. Во финишот од првиот дел Франција имаше неколку шанси за намалување на негативата, но мрежата на Тенас остана незатресена.

Во вториот дел избраниците на Тјери Анри немаа друго решение освен да го нападнат противничкиот гол. Поранешниот ас на Арсенал и Барселона со неколку замени го освежи тимот, но Шпанија одлично се бранеше и не дозволуваше домаќинот да се разигра. Но, Франција одново покажа карактер, исто како и против Египет во полуфиналето, и се врати целосно во игра. Во 78. минута  Магнес Аклиуче најдобро се снајде во казнениот простор на Шпанија и намали на 2-3. Во судиското надополнување Матета беше сигурен од единаесет метри за израмнување и продолженија. На пеналот му претходеше ВАР-одлука која не им се допадна на Шпанците. 

Во дополнителните триесет минути Шпанија одново ја презеде контролата на теренот, а тоа резултираше со супер-гол на „џокерот“ Камељо. Во стотата минута напаѓачот на Рајо Ваљекано мајсторски го лобоваше Рестес за ново водство на „фуријата“ (3-4). Откако во последните минути Франција целосно се отвори, „џокерот“ Камељо со нов прекрасен погодок стави печат на победата и златен медал за Шпанија (3-5).

Третото место, односно бронзениот медал, заврши на градите на фудбалерите на Мароко, кои вчера со убедливи 0-6 го совладаа Египет.