Фудбалско чудо во Англија: Им требаа 7-0 за Лига 1 и успеаја!

Бристол Роверс на неверојатен начин избори пласман во Лига 1, третото по ранг фудбалско натпреварување во Англија. Во последното коло во Лига 2 му требаше триумф од седум гола разлика, за да го мине Нортемптон на третото место на табелата – последно кое директно води во повисок ранг на натпреварување.

Неверојатно е тоа што играчите на Роверс успеаја во тоа. Тие го победија Сканторп со 7-0. На полувреме водеа со 2-0, додека во тој момент Нортемптон имаше предност од 3-1 на својот натпревар.

До крајот Роверс постигнаа уште пет гола, а Нортемптон не успеа уште еднаш да ја погоди противничката мрежа и Бристол се промовираше во нов член на Лига 1.

Двата тима имаат по 80 бода и идентична гол разлика (+ 22), но Бристол слави Лига 1 поради поголемиот број постигнати голови (71 наспроти 60).