• Мартин Танасковски


Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk организираат уникатна кампања посветена токму на нив.
Запознаваме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ја откриваме човечката страна на спортот и ја истакнуваме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најчувствителниот период од кариерата.
На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа.
Осмото интервју во овој серијал интервјуа доаѓа од екипата на Силекс. Овој пат разговараме со двајца фудбалери – браќата близнаци Љупче и Ѓорѓе Џекови. Струмичаните кои имаат по 19 години за првпат во изминатата сезона заиграа професионален фудбал, беа дел од Европа, а направија прогрес и во репрезентациите на Македонија.
Вистинска реткост е да гледаме браќа близнаци на теренот, уште посебно е што тие се во истиот клуб. Играат за кратовски Силекс, а почетоците во овој спорт им се од пред околу десет години во родниот град Струмица.
„Со фудбалот почнавме уште од деца, кога наполнивме осум години, заедно почнавме да тренираме. Двајцата бевме фудбалери, јас (Љупче) играв шпиц, не бев голман, брат ми Ѓорѓе играше во одбрана. Немаме фудбалери во семејството, тоа беше наша желба. Почетокот беше во Академија Пандев, сегашна Брера, таму бевме десет години, а во последната година и пол сме заедно во Силекс“, откриваат на стартот на разговорот на интервјуто.
Како двајцата се чувствуваат на терен кога се заедно и дали досега се соочиле со проблеми низ фудбалскиот пат затоа што се близнаци и тешко се разликуваат?
„На почетокот додека бевме мали, тренерите не не препознаваа. Но, сега како сениори не разликуваат затоа што јас сум дефанзивец, а брат ми голман. Но, надвор, не не разликуваат. Едно време брат ми промени имиџ за да не разликуваат, еве сега пак пушти коса и имаме проблем (се смее). Ама професионално, сме препознатливи. Многу е убаво кога имаш со некого заедно и во клуб и во репрезентација. Поддршка сме си еден на друг, цимери, се познаваме одлично, си помагаме... Заедно разговараме за фудбал, учиме за фудбал. Јас сум дефанзивец, тој е голман, врзани сме и на делот од теренот на којшто сме. Ние сме и браќа и другари и соиграчи“, ни раскажа Ѓорѓе Џеков.
Првите чекори во фудбалот им се во Струмица, а нивниот талент го открил Милан Василев, некогашен фудбалер и член на Беласица.
„Човекот кој ја препозна нашата желба и талент беше Милан Василев, повозрасен тренер, поранешен стопер во Беласица. Околу осум години бевме со него, многу бевме блиски, како родител се однесуваше со нас, беше наш фудбалски татко. На 16 години заминавме во прв тим, работевме многу и со Ѓорѓи Стојчев.“, ни открија Љупче и Ѓорѓе.
А, како Љупче Џеков станал голман од напаѓач?
„Баш Милан Василев беше виновник за тоа, почнав како шпиц, сакав голови да давам, ама немаше на еден тренинг голман. Ми рече застани на голот, почнав да бранам и од ми рече - „Од денес, ти ќе бидеш голман“. Почнавме да работиме посериозно. Голманскиот талент ми го откри и Томе Пандев, повеќе не живее во Македонија. Ако не беше Томе, немаше да бидам тоа што сум сега. Во прв тим ме повика, каде имаше квалитетни голмани како Марко Јовановски, Марко Алчевски...“, истакна младиот чувар на мрежата
А потоа, Ѓорѓе Џеков ја раскажа својата приказна за почетоците:
„Јас цело време бев во одбраната. Најчесто прво играв лев бек, па сите младински ги минав како играч за врска, а откако влегов во прв тим, во Академија Пандев, почнав да играм како лев стопер и оттогаш таму се надоградувам. Првите сениорски минути ги имав во Академија Пандев како стопер, додека брат ми за првпат беше сениор во Силекс. Дебитираше со 0-0 против тогаш силната и шампион на Македонија, Струга“
Потоа, Љупче Џеков откри како е чувството да си тинејџер во првиот тим каде се работи професионално и целиот процес и прогрес бара голема жртва.
„На почетокот сите те гледаат како млад, ама тоа се само првите неколку мечеви. Потоа самата психа ти влијае дека си еден од стартерите, еден од поискусните. Јас бранев на 32 меча во првата сезона и морав да се справам со тоа. Инаку, многу си горд на себе пример кога ќе имаш таква прва сезона во Прва лига, си завршил на второто место... Кога ќе видиш дека на 18 години си меѓу подобрите, многу гордо се чувствуваш“, изјави голманот.
Ѓорѓе Џеков, пак, ни раскажа како е да се работи со македонската легенда Александар Васоски, човек кој долги години беше стопер во една од најсилните лиги на светот – Бундеслигата – а, зад себе како стратег има и титула првак на Македонија.
„Васоски е многу добар човек. И тој и помошникот Раденко Бојовиќ. Двајцата играа како стопери, многу ми помагаат. Ми даваат совети како да реагирам на терен. Шефот Васоски има играно во Бундеслигата и многу е добро кога те учи такво играчиште. Кога ќе погледнеш каква почит тој има во Франкфурт, јасно ти е за што станува збор“, изјави младиот играч.
За првпат оваа сезона, двајцата играа во Европа. Со Силекс беа дел од Конференциската лига на УЕФА, каде во рамки на првото коло несреќно испаднаа од црногорски Дечиќ.
„Имавме одлично искуство, штета што Силекс не помина. Еден гол фалеше за евентуални продолженија. Многу малку... ама некогаш тоа малку на крајот е многу. Сепак, задоволни сме од она кое го прикажавме посебно на реваншот во Скопје каде беше уживање, навивачката група од Кратово дојде да не поддржи, беше феноменално. Победивме, со кренати глави се простивме од Европа. Некогаш е потребна и спортска среќа за повеќе, имавме многу шанси“, децидни се Љупче и Ѓорѓе.
Македонскиот шампионат ќе биде тежок, но амбициите на Силекс се високи. Желбата е да се биде меѓу најдобрите и пак да се игра во евро-куповите.
„Оваа сезона повеќето екипи се засилија и лигата ќе биде многу добра, не е како лани кога од прилика се знаеше кој ќе биде горе, а кој долу. Силекс атакува на првите три места, а потајно и на титулата шампион на Македонија. Но, целта е излез во Европа“, истакнаа младите фудбалери.
Предизвик ќе бидат и септемвриските настапи во дресот на Македонија У21, со која против Полска и Италија се отвораат квалификациите за Европското првенство.
„Да се носи националниот дрес е гордост. Обврска е да дадеш 200 отсто од себе. Од цела држава, само дваесетина се тука и тоа е голема одговорност и гордост. Имаме и одличен селектор со стручен штаб, Горан Станиќ, имаме тешка група, но мора да веруваме во себе. Ако не се потцениме, може да дојдеме до резултати“, вели Ѓорѓе.
Љупче продолжи:
„Пред две години ја победивме Полска во У19. Пак сме истите играчи скоро генерација погоре. Од генерацијата 2004 останаа малку играчи, носители сме 2005 генерација, па зошто да не изненадиме со Полска, па дури и со Италија? Нашата генерација со Полска и Германија во група, се пласира во елитна рунда на тогашните квалификации. Италија ни е јасно дека е во ТОП-5 во свет. Но, со селекторот кој прави одлични анализи, со кого работиме, се надеваме на успешни квалификации“
Младите фудбалери се надградуваат од ден во ден, а сите имаат и свои желби и соништа. На Љупче и Ѓорѓе сонот им е да бидат дел од најдобрите лиги во светот, како што беа или се уште се нивните идоли Малдини, Нојер, Рамос...
„Од постарите играчи го сакам Паоло Малдини, а од поновото време стопери кои ги гледам со одушевување се Вирџил ван Дајк и Серхио Рамос. Тој стил на игра ми се допаѓа. Од клубовите го поддржувам Челзи“, кажа Ѓорѓе.
„Идол голмански ми е Мануел Нојер. Можеби веќе е стар, но уште брани опасно. Уште од почетоците го гледам него на телевизија и неговото достигнување ми е најголем мотив. Од поновите ги следам Зомер и Раја, ми се допаѓаат. Имаме иста висина, сличен тип на игра, па на нив се огледувам. Од клубовите навивам за Баерн Минхен, не пропуштам ниту еден меч“ – дополни Љупче.
Двајцата го завршија интервјуто со идентична желба – шампионски трофеј на Македонија, а потоа и Лигата на шампионите.
„Кога ќе ја чуеш химната на Лигата на шампионите – таа те ежи, тоа е едно најпрестижно натпреварување. Се надеваме еден ден ќе играме таму. Желбата за иднината е да имаме успешна сезона, да бидеме здрави, тоа е најважно. А, сезоната сама ќе покаже до каде сме. Нашата желба е секој ден да бидеме подобри од претходниот ден и нормално - шампиони на Македонија“.