• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Бока Јуниорс запишаа голема победа во аргентинското супердерби, совладувајќи го лутиот ривал Ривер Плејт со 2-0 во рамките на 15. коло од Клаусура шампионатот. На преполната „Бомбонера“ тимот на Диего Мартинес одигра дисциплинирано, зрелo и со јасна идеја, да ја прекине негативната серија на дерби натпреварите и да ја потврди доминацијата во својата група.
Херојот на „сино-златните“ беше младата ѕвезда и фудбалско чедо на клубот, Езекиел Себаљос, кој одигра натпревар за паметење, постигна гол, запиша асистенција и со својата енергија ја раздвижи целата игра на Бока. Првиот гол дојде во судиското продолжение на првото полувреме, кога дефанзивецот Ајртон Коста испрати долга топка кон Милтон Хименез. Напаѓачот не успеа да ја контролира, но Себаљос вешто ја презеде топката и упати силен удар. Голманот на Ривер, Франко Армани, го одбрани првиот обид, но при вториот обид младиот напаѓач беше прецизен и ја вжешти атмосферата на трибините.
Само две минути по почетокот на второто полувреме, Себаљос повторно беше во центарот на вниманието. Со брз продор по левата страна ја проби одбраната на Ривер и несебично му асистираше на Мигел Мерентјел, кој без поголеми проблеми ја смести топката во празната мрежа за 2-0 и практично ја реши судбината на натпреварот.
- Извештај од натпреварот:
Во продолжението, Бока го контролираше темпото и не му дозволи на Ривер да се врати во игра. Иако гостите имаа повеќе посед на топката, нивните напади беа без идеја, а одбраната на Бока функционираше беспрекорно. Тимот на Ривер продолжува да се соочува со голема криза на резултати и игра, што сериозно го загрозува нивното место меѓу осумте најдобри во групата Б.
Со оваа победа, Бока Јуниорс останува лидер во групата А со 26 бодови и го потврди статусот на најконзистентен тим во тековниот дел од сезоната. Ривер Плејт, пак, со само 21 бод, падна на шестото место во групата Б, а кикс во последното коло може да ги чини учество во плејофот.



