Фудбалската Лига на шампиони го доби првиот учесник за следната сезона!

Фудбалскиот клуб Клаксвик од Фарски Острови официјално ја обезбеди титулата шампион две кола пред крајот на првенството и со тоа стана првиот потврден учесник во квалификациите за Лигата на шампионите во сезоната 2026/2027.

По одиграните 25 кола во првенството, Клаксвик има 67 бодови, седум повеќе од најблискиот конкурент Рунавик, што математички му го гарантира новиот трофеј, без оглед на исходите од последните два натпревари. Ова е 22-ра шампионска титула во историјата на клубот, кој е основан далечната 1904 година и претставува најтрофејниот тим во фарскиот фудбал.

Поради специфичните климатски услови и долги, студени зими, домашното првенство на Фарските Острови, како и во земји како Шведска, Норвешка, Летонија, Естонија, Литванија, Белорусија и Казахстан, се игра според календарскиот систем, од април до октомври.

Тоа значи дека Клаксвик уште во октомври 2025 година го осигура своето место во ждребката за квалификациите за Лигата на шампионите, која ќе се одржи во јуни 2026 година. Покрај лигашкиот успех, Клаксвик има можност сезоната да ја заокружи со двојна круна. Тимот на 31 октомври ќе се соочи со ривалот Викингур во финалето на националниот куп.

Најнови вести од
УЕФА Лига на шампиони