Фудбалска година за Шпанија: „Фуријата“ ќе игра за злато на ЛОИ! (ВИДЕО)

Шпанија покажува дека има врвен фудбал, дури и без мега-ѕвездите од минатото. По европската титула на ЕП 2024 во Германија како и младинскиот трофеј, до голем резултат дојде и олимписката репрезентација на „фуријата“ која успеа со пресврт да го совлада Мароко (2-1) во рамки на полуфиналето и така има медал на ЛОИ, а ќе игра и за златото.

Мароканците беа хит на овој турнир, но нивниот пат застана во полуфиналето. Шпанија покажа карактер, селекторот Дениа ги погоди измените и така европската селекција дојде до посакуваниот резултат и победата. Дополнително, се добива на тежина затоа што Шпанците победија со пресврт.

Се играше 36. минута од мечот кога Мароко доби пенал по прегледување на ВАР, а истиот во гол го претвори Рахими кој го даде шестиот гол на олимпискиот турнир и бурно прослави. Не ѝ одеше баш најдобро на Шпанија во првиот дел, па на пауза замина со негатива. Веднаш следеше реакција на Дениа, кој во 61. минута направи тројна измена и тоа му донесе голем резултат.

Во тек беше 66. минута на стадионот „Велодром“, кога Фермин Лопез со супер-гол успеа да израмни на 1-1. Во два наврати, од 70. до 77. минута Мароко имаше шанси да го врати водството, ама Хакими и Бен Сехир беа непрецизни. Казната за тоа дојде во 85. минута кога Фермин Лопез додаде до нововлезениот Хуанлу Санчез, а тој по земја стрела за голема радост на „фуријата“.

  • Извештај од натпреварот:

Во финишот Мароканците тргнаа на се или ништо, но не успеаја да израмнат. Најдобрата шанса ја имаше Амир Ричардсон во 93. минута, но обидот профуче над пречката од голот на Тенас.

Во финалето на Летните Олимписки Игри, Шпанија ќе игра со Франција или Египет.