Фудбалска Европа се буди, уште една лига се враќа на терените

Чешка

Пандемијата со коронавирусот полека се смирува, а тоа им овозможува на фудбалските федерации да носат конечни одлуки околу остатокот од тековната сезона.

Фудбалот во Европа долго време е „замрзнат“ и ставен во втор план, кога приоритетот е здравјето и човечките животи ширум светот. Меѓутоа, добрите вести се честа појава секој нов ден, а сега радуваат најновите информации од Чешка.

Тамошната Влада ги намали рестрикциите и им овозможи на своите граѓани да се вратат на дел од нормалните навики. Фудбалските клубови добија „зелено светло“ полека да се враќаат на тренинзите, секако со строги мерки на однесување.

Дозвола за продолжение на првенството е добиена за 25 мај. На стадионите нема да има навивачи, што беше очекувана одлука, а сега се разгледува бројноста на потребен персонал за организација на натпреварите.

До крајот на сезоната во Чешка остануваат шест кола, плус мечевите од плеј-офот. Очекувањата се дека првенството ќе добие шампион пред јули.