• Иван Димовски
Женската фудбалска репрезентација на Англија е нов европски првак, откако во спектаклот на „Вембли“ ја совлада Германија по продолженија со 2-1 (1-1). Фудбалерките на „Гордиот Албион“ поведоа, но Германките се вратија во игра и изборија екстра време. Сепак, во дополнителните 30 минути домаќинките успеаја да го скршат отпорот на гостите и ја израдуваа публиката.
- Извештај од натпреварот:
Првото полувреме на култниот лондонски стадион мина со релативно мирна игра. Екипите се надигруваа главно на средината од теренот, вистински шанси речиси и да немаше, а за нијанса поконкретни беа фудбалерките на Англија. Сепак, мрежите на двете страни мируваа по првите 45. минута.
По неколку замени, темпото на игра се крена и во 62. минути падна првиот погодок. Ела Ен Тун доби проигрување од Волш и ја матира Фромс за водство (1-0). Германките беа на потег, а како осумкратен европски првак покажаа карактер и успеаја да се вратат во игра. Фудбалерката на Баерн Минхен, Лина Магул гостинската селекција израмни на 1-1 во 79. минута, резултат кој беше доволен за продолженија.
Во екстра времето Англија беше подобра селекција на теренот. Домаќинките беа посмели, притиснаа и правеа шанси, а отпорот на Германија „пукна“ во 110. минута. По една уфрлена топка на петерецот, германската одбрана делуваше конфузно и не успеа да исфрли, па Клои Кели од втор обид ја смести топката во мрежата за делириум на „Вембли“. Во продолжението до крајот Германија не успеа целосно да се наметне, Англичанките го умртвија темпото и со многу прекини го приведоа мечот кон крајот.
По последниот судиски свиреж, фудбалерките на Англија лудо го прославија триумфот, водени од одличната атмосфера на трибинтие. Така, по долго време сега конечно можат да кажат дека фудбалот се врати дома. „Гордиот Албион“ слави голем фудбалски трофеј по долга пауза, од последното мундијалско злато во 1966 година на фудбалерите.