• Горан Упале

Новата сезона во шпанска Примера ќе започне со неколку значајни промени во судењето, а најголемо внимание привлекува проширувањето на овластувањата на ВАР-системот и воведувањето мерки против одолговлекувањето на играта.
ВАР отсега ќе може да интервенира ако судијата погрешно покаже втор жолт картон или ако дисциплинска мерка му биде доделена на погрешен фудбалер. Исто така, видеотехнологијата ќе може да коригира и очигледно погрешно досудени корнери, доколку грешката може брзо да се утврди пред продолжувањето на играта.
Нови правила ќе важат и за замените. Фудбалерот што излегува од теренот ќе има само десет секунди да го напушти игралиштето, а во спротивно неговата замена ќе мора да почека една минута пред да влезе во игра.
Промени има и за медицинските интервенции. Играч кој ќе добие лекарска помош на теренот вообичаено ќе мора една минута да остане надвор од игра, а доколку голман без оправдана причина побара третман, неговата екипа привремено ќе игра со фудбалер помалку.
Дополнително, судиите ќе мора построго да го контролираат времето за изведување аут, а по ВАР-интервенциите ќе можат преку разглас на стадионот јавно да им ја објаснат својата конечна одлука на навивачите.
Со овие измени, Примера има за цел да го забрза текот на натпреварите, да ја зголеми транспарентноста и да го намали бројот на судиски грешки кои директно влијаат врз резултатот.



