Фудбалот останува без уште една легенда - Дидие Дрогба на крајот од сезоната заминува во пензија

Дидие Дрогба е последниот во низата на фудбалери кои ја завршуваат својата богата кариерата. Еден од најдобрите голгетери во последната деценија во американскиот второлигаш Феникс ја игра последната сезона, по која најави дека на крајот од истата заминува во фудбалска пензија.

Дидие Дрогба, кој воедно е и сопственик на тимот на Феникс, своите најдобри денови ги мина во тимот на Челзи, со кој освои четири титули во Премиер лигата, а се искачи и на врвот на Европа.

„Имам 40 години и мислам дека е време за крај на активното играње. Фудбалот ми претставува големо задоволство и сигурно дека и во иднина ќе бидат и дел од него“, изјави Дрогба.

Во својата богата кариера фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска настапуваше и за Генгамп, Олимпик Марсеј, Ле Ман, Шангај Шенхуа, Галатасарај и Монтреал. За својата репрезентација одигра 104 натпревари и постигна 65 гола.