Фудбалот ја покажа својата магија: Најмалата земја во историјата оди на СП

Фудбалот повторно ја покажа својата магија - малата африканска нација Зеленортски Острови се квалификуваше за Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико. Оваа земја со население од помалку од 550.000 стана најмалата по територија (4.000 квадратни километри) и втората најмала по население (по Исланд во 2018 година) што некогаш обезбедила место на едно Светско фудбалско првенство.

Овој африкански тим ги заврши квалификациите пред Камерун - фудбалска сила проценета на 210 милиони евра, додека тимот на Зеленортски Острови вреди осум пати помалку - околу 27 милиони. Во клучниот натпревар, тие го победија Есватини со 3-0 пред полн стадион во Праја и со тоа ги завршија квалификациите со 23 бода, четири повеќе од Камерун.

За приказната да биде уште помоќна, говори фактот што оваа земја играше на Африканскиот куп на нации за првпат пред само 12 години, а сега, во пресрет на прославата на 50 години независност од Португалија, оди на Светското првенство како една од трите дебитантски екипи, заедно со Јордан и Узбекистан.

Под водство на националниот селектор Бубиста, играчи од неколку европски клубови, како што се Вагнер Пина, Логан Коста и Леандро Андраде, беа клучни за историскиот успех.

Зеленортски Острови повеќе не е фудбалска егзотика - тие станаа пример за тоа како талентот, посветеноста и вербата можат да ги надминат дури и многу пати поскапите противници. Фудбалскиот сон на една мала нација - штотуку стана реалност.

Покрај Зеленортски Острови досега на СП пласман обезбедија уште бранителите на титулата Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Парагвај, Уругвај, Алжир, Египет, Гана, Мароко, Тунис, Австралија, Иран, Јапонија, Јордан, Јужна Кореја, Узбекистан, Нов Зеланд, како и домаќините САД, Канада и Мексико, Светското првенство ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година во шеснаесет градови во трите земји домаќини.