Фудбалерот Томе Јанев успеа во мисијата и замина на лекување во Русија

Томе Јанев, поранешниот член на струмичка Беласица, успеа во мисијата, собра доволно финансиски средства и замина на лекување во Русија каде ќе работи на отстранување на болеста на моторниот неврон.

Спортските колективи и македонската јавност се обединија и по неколкумесечна заедничка борба успеаја во мисијата. 29-годишниот Јанев е веќе во Русија, лекарите се оптимисти, а тој испрати порака од болницата.

„Драги пријатели, роднини,сограѓани, познаници и сите кои ме поддржувавте и ме поддржувате најнапред сакам да ви се заблагодарам од срце што поради вас сите сум тука каде што сум и имам шанса да се лекувам со надеж за подобро утре.

Оваа е една од многуте битки пред која ми предстои многу борба и труд,но со ваша помош верба и поддршка мислам дека можам да ја постигнам зацртаната цел. Докторите овде имаат позитивно мислење и став околу мојата состојба, уште се прават додатни испитувања но велат дека добро е што уште дијагнозата е во рана фаза и дека прогресијата може да биде стопирана. За жал некои ми го свртеа грбот кога ми беше повеќе од потребно, но тоа ми дава уште повеќе волја и мотив за понатаму.

За крај премалку е уште еднаш да ви кажам Ви благодарам од срце за се што правите за мене, Бог е голем, да ви даде само здравје, бидејќи на крајот на краиштата се друго може да се направи или купи.

Фала Струмица, фала Македонија
Среќни празници и секое добро на сите“, гласи пораката на Јанев.

Јанев играше за Беласица до стартот на 2019 година, а претходно беше дел од екипи како Брегалница, Хоризонт Турново, Кожуф, Силекс...