Фудбалерот на Рома се повреди, Италија побара дозвола од УЕФА да го замени

Селекцијата на Италија ќе игра на отворањето на Европското првенство утре против Турција во Рим, па така за нив подготовките се речиси завршени. Двете репрезентации пристигнаа во престолнината на „чизмата“, а селекторот Роберто Манчини се соочува со мали проблеми. 

Се работи за повредата на играчот на Рома, Лоренцо Пелегрини. Фудбалерот за врска заработи повреда на тренингот вчера, а по прегледите беше потврдено дека нема да може да игра. „Азурите“ веднаш го повикаа Гаетано Кастровили од Фиорентина како замена, но сè уште чекаат дозвола од УЕФА да ја извршат замената. 

„ФИГЦ поднесе службено барање до УЕФА, да го замени Лоренцо Пелегрини кој се повреди на тренингот вчера. Тој беше прегледан и ќе патува со тимот. Додека се чека одговор од УЕФА, Гаетано Кастровили се приклучи на репрезентативната база во Рим“, напишаа од сојузот. 

УЕФА најави дека во очи ова Европско првенство ќе биде пофлексибилна кон евентуални промени на играчи, поради ковид-кризата и густиот распоред кој го минаа играчите во изминатата сезона.