ФОТО: Фудбалерките на „тим-билдинг“ на Попова Шапка пред Србија

Женската фудбалска репрезентација на Македонија заедно со стручниот штаб го искористи слободното време пред натпреварот против Србија за „тим-билдинг“ на Попова Шапка.

По триумфот над Казахстан (4-1), прв за Македонија во последните шест години, националниот тим реши да замине на едно од најубавите места во Македонија и да ја билда атмосферата за наредниот квалификациски меч.

Фудбалерките и стручниот штаб на чело со селекторот Кирил Изов минаа еден ден на планина, каде се дружеа и се забавуваа и градеа позитивна енергија пред продолжението на квалификациите.

Натпреварот меѓу Македонија и Србија се игра на 5 октомври на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ со почеток од 15:00 часот, а влезот за сите љубители на фудбалот е слободен.

Македонија во евроквалификациите има една победа над Казахстан и еден пораз на гостувањето кај Австрија.