• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Македонија го одржа официјалниот тренинг пред мечот против Казахстан во квалификациите за Светското првенство (СП) кое ќе се игра во 2026 година.
Мотивирани за нов успех, играчите ги добија последните совети од селекторот Благоја Милевски кој нема да биде на клупата заради суспензија. Тимот на вештачката трева на „Астана Арена“ ќе го водат помошниците Роберт Стојановски и Влатко Грозданоски.
На овој меч, Македонија ќе биде без повредените Алими и Димоски. Се очекува на терен да истрчаме во најсилен состав, идентичен на оној со Белгија. Можна е само една ротација во составот.
Македонија во Астана ќе игра за десетти меч во низа без пораз. Последниот неуспех беше во пријателскиот меч против Чешка на 10 јуни 2024 година, а оттогаш имаме девет дуели во низа во официјални натпреварувања без пораз - шест победи, три ремија.
Натпреварот меѓу Казахстан и Македонија се игра во понеделник во 16:00 часот по македонско време. Словаци ќе бидат на теренот и во ВАР-собата. Главен судија е Филип Глова, а ќе му помагаат Даниел Полачек и Петер Беднар. Четврти судија е Петер Кралович, а во ВАР-собата се наоѓаат Мартин Дохал и Борис Мархефка.