• Горан Упале
Пандемијата со коронавирусот драстично го промени животот на целото општество, како и на фудбалерите кои се приморани да останат во карантин поради претпазливост од ширење на заразата.
Шампионатот во Чешка како и останатите ширум светот е во мирување, но клубовите од оваа држава веќе ги враќаат своите фудбалери во тренинг камповите и започнуваат со групни тренинзи. Таков е и случајот со Спарта Прага кој веќе извесен период тренира под посебна програма.
Но, од чешкиот великан ни доаѓа најбизарниот отказ на фудбалер, откако Марин Хашек, кој во клубот е од својата единаесетта година доби исписница. Причината е поради неговиот голем страв да не се зарази од вирусот ковид-19.
Тој одбил да тренира со првиот тим и беше префрлен во Б-тимот, но откако повторно не се појавувал на тренинзите, челните лица на клубот решија да не го толерираат повеќе и му врачија отказно решение, иако се работи за „дете“ на клубот.
24-годишниот играч за врска побарал прошка, но истата беше одбиена од страна на клубот и сега е слободен агент.