Не е само Германија: Цаке го следат и од Австрија и Полска

Македонскиот прволигаш Шкендија од Тетово би можел да остане без еден од своите најстандардни фудбалери, откако германскиот клуб Холштајн Кил, кој минатата сезона настапуваше во Бундеслигата, покажал сериозен интерес за дефанзивецот Клисман Цаке.

Според информациите, Холштајн Кил го следи 25-годишниот стопер веќе неколку месеци и го гледа како идеално засилување за следната сезона. Тимот моментално се наоѓа на десеттата позиција во втората Бундеслига со 10 освоени бодови по осум одиграни кола, а раководството е решено да ја зајакне одбраната пред летниот преоден рок во 2026 година.

Цаке, кој е еден од клучните фудбалери на Шкендија, со своите стабилни настапи и лидерски пристап го привлече вниманието на неколку европски клубови. Освен Германците, се шпекулира дека и неколку тимови од Австрија и Полска го имаат на своите листи на желби и ќе се обидат да го донесат во следниот период.

Дополнителен мотив за Цаке е и неговиот прв повик во албанската репрезентација, откако селекторот го вклучи во поширокиот список за октомвриските квалификации против Србија. Според блиски извори до клубот, во Тетово засега не се подготвени да го продадат играчот во зимскиот преоден рок, но не ја исклучуваат можноста за трансфер доколку пристигне „понуда што не се одбива“.

Шкендија се наоѓа во борба за врвот на табелата, игра и во Конференциската лига на УЕФА и би сакала да го задржи Цаке барем до крајот на сезоната. Договорот на играчот и тимот трае до јуни 2026 година.