Французинот потврди дека останува во Јувентус уште една година

Францускиот играч за врска Блес Матуиди за италијанските медиуми потврди дека ќе остане во Јувентус уште една сезона. Светскиот првак со Франција останува во Торино уште една година, откако „старата дама“ му искажа верност со автоматското продолжување, кое беше врзано со одигран број натпревари во тековната сезона. 

Актуелниот договор на Матуиди му истекуваше на крајот на сезоната, но Јуве вметна клаузула во која од клубот зависи дали ќе го продолжи договорот на уште една година или не. Матуиди ја игра четвртата сезона во Јувентус и досега одигра 118 натпревари за Јувентус.

„Ќе останам во Јувентус, клубот ќе ја искористи можноста да го продолжи договорот со мене. Јас сум многу среќен поради тоа, не бев во најмала дилема“, изјави 32-годишникот од Тулуз.

Маурицио Сари му верува на Матуиди и му овозможи да настапи на 30 натпревари во тековната сезона.

Искусниот играч од средниот ред ја започна кариерата во Троја, а пред да се пресели во Италија играше уште за Сент-Етјен и ПСЖ.