Францускиот џин му подава рака на заборавениот тинејџер од Реал Мадрид

Младиот бразилски напаѓач Ендрик сè уште не успева целосно да се наметне во тимот на Реал Мадрид под водство на тренерот Чаби Алонсо, а според најавите од Шпанија и Бразил, можно е во јануарскиот преоден рок да биде испратен на позајмица каде што ќе добие повеќе минути на теренот.

Иако првично се споменуваше дека Валенсија е најсериозен кандидат да го доведе бразилскиот талент, новите информации на бразилскиот ЕСПН откриваат дека во трката се вклучил и Олимпик Марсеј. Францускиот клуб, кој под водство на Роберто де Зерби има само еден бод помалку од лидерот Пари Сен Жермен, ја гледа шансата во ангажманот на Ендрик како дополнително засилување за борбата за титулата.

Причината за ваквата идеја е и престојниот Африкански Куп на нации, поради кој Марсеј ќе остане без неколку клучни напаѓачи, тоа се Пјер-Емерик Обамејанг и Амин Гуири, што може сериозно да го ослаби напаѓачкиот потенцијал на тимот во најважниот дел од сезоната.

Поради тоа, Ендрик се гледа како идеално решение. Од друга страна, самиот Ендрик не сака да избрзува со одлуката, бидејќи има јасна цел, таа е да обезбеди редовна минутажа и со тоа да се наметне за место во составот на бразилската репрезентација на Светското првенство следното лето.

Ситуацијата внимателно се следи и во Мадрид, каде што клубот не сака да го изгуби неговиот развоен ритам, но е свесен дека моментално конкуренцијата во нападот (со Винициус, Мбапе и Родриго) му го ограничува просторот.