Француската полиција уапси повеќе од 400 хулигани по нередите во Париз

Прославата на новата европска титула на ПСЖ беше засенета од сериозни инциденти низ Франција, при што полицијата уапси повеќе од 400 лица по финалето на Лигата на шампионите. Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, приведени биле 416 лица, од кои 280 во Париз.

Нередите избувнаа веднаш по победата на ПСЖ над Арсенал во финалето, а во повеќе делови од француската престолнина дојде до судири меѓу навивачите и полицијата. Дел од демонстрантите палеле пиротехнички средства, оштетувале излози и предизвикувале пожари на улиците.

Францускиот министер за внатрешни работи изјави дека седум полицајци биле повредени за време на интервенциите и ги осуди инцидентите, оценувајќи ги како неприфатливи. Полицијата употребила солзавец за да ги растера групите што предизвикувале немири во централните делови на градот.

И покрај инцидентите, ПСЖ не ги откажа планираните свечености. Фудбалерите денеска треба да ја прослават титулата со навивачите покрај Ајфеловата кула, по што е предвиден и прием кај францускиот претседател.

Француските власти најавија засилени безбедносни мерки за време на прославите со цел да се избегнат нови инциденти и да се обезбеди непречено одржување на настаните.