Франција остана без уште еден стопер и голман за дуелот со Данска

Француската фудбалска репрезентација во натпреварот од последното, шесто коло од групата 1 на Лига А на Лигата на нации, против Данска, ќе биде ослабена со отсуството на стоперот Жул Кунде и голманот Мајк Мењон поради повредите здобиени при победата од 2-0 против Австрија во четвртокот.

„Кунде има проблеми со бутниот мускул, додека Мењон го повреди мускулот на потколеницата“, изјави францускиот селектор Дидие Дешамп.

Жул Кунде мораше да ја напушти средбата во 23. минута, додека Мењон беше заменет на полувремето. Наместо Кунде во игра влезе Вилијам Салиба, додека на голот застана Алфонс Ареола.

Со овие повреди кризата во редовите на светските шампиони се продлабочи, Мењон ја доби „единицита“ само затоа што претходно поради повреда отпадна првиот голман и капитен на репрезентацијата Хуго Лорис, а поради истата причина на овој собир не се појавија уште и Преснел Кимпембе, браќата Тео и Лукас Хернандез, Пол Погба, Н'Голо Канте, Кингсли Коман и Карим Бензема.