• Горан Упале

Франција на Тјери Анри е на чекор до остварување на сонот, а тоа е прва олимписка титула за францускиот фудбалски тим. „Триколорите“ во Лион се намачија со Египет, беа пред елиминација, но со доцен гол се изборија за продолженија, по кои славеа со 3-1 (0-0, 1-1).
- Извештај од натпреварот:
Првото полувреме мина во знакот на домашните фудбалери. Французите имаа иницијатива и создадоа неколку посериозни шанси за погодок, но резултатот остана оној почетниот. Првата закана на натпреварот ја испрати Труферт уште во петтата минута. Нешто подоцна во центарот на вниманието беше новата ѕвезда на Баерн Минхен, Олисе, но ниту тој не ја погоди целта. Во финишот од првиот дел шанса имаше и Баде, кој со глава ја затресе противничката мрежа од надворешната страна.
Вториот дел започна со мирна игра и без возбудувања пред двата гола, но сè до 62. минута, кога Махмуд Сабер одлично се снајде во казнениот простор на домаќинот и со „проектил“ под пречката го совлада Рестес за 0-1 за Египет. По примениот гол четата на Тјери Анри ја презеде контролата на теренот и со сите сили нападна по израмнување.
Капитенот Лаказет во два наврати имаше неуспешни обиди да ја врати Франција во игра, но тоа му успеа на асот на Кристал Палас, Матета. 27-годишниот напаѓач игра во одлична форма на овој турнир и откако го постигна единствениот гол во четвртфиналето со Аргентина, вечерва ѝ донесе продолженија на Франција.
Во судиското надополнување од второто полувреме следуваше голема ВАР-драма, бидејќи Французите бараа најстрога казна, поради игра со рака на противникот во казнениот простор. Сепак. главниот судија Мартинез, и покрај прегледаните снимки, се реши да остане на првичната одлука, а таа беше прекршок за Египет.
- Спорниот момент и прегледувањето на ВАР-снимката:
Следуваа продолженијата, а по само две минути во екстра-времето Египќанецот Фајед доби црвен картон и им ја олесни работата на „галските петли“. Матета во 99. минута и Олисе десетина минути подоцна погодија за 3-1 и прво олимписко финале за француската фудбалска репрезентација во новиот милениум.
Во натпреварот за златото в петок ќе се сретнат Франција и Шпанија.