Франција и Португалија се „бомбите“ пред денешната ждрепка за ЕП 2020

ЕП 2020

Сите очи денес ќе бидат вперени во Букурешт, каде ќе се одржи ждрепката за групната фаза за Европското првенство наредната година. Првпат во историјата 12 домаќини ќе бидат дел од организацијата на континенталниот собир, што е една од револуционерните одлуки на УЕФА. 

Репрезентациите кои ќе се најдат во првиот шешир имаат само две желби. Првата е да се избегне Франција, која е во вториот, а другата е да не се добие група со Португалија на Кристијано Роналдо, која ќе биде во третиот шешир.

Двете репрезентации кои беа дел од финалето на претходното ЕП ќе бидат најголемата опасност за сите оние кои се дел од првиот шешир. Португалците ќе се обидат да го повторат успехот од пред четири години, кога стигнаа до историската европска титула. Французите предводени од Килиан Мбапе се меѓу главните фаворити за трофејот, осоколени од успехот на Светското првенство во Русија минатата година.

Шанса да учествува за првпат во својата историја има и Македонија. Плеј-офот во Лигата на нации во март 2020 година ќе биде голема можност за Игор Ангеловски да ја однеси оваа генерација фудбалери на едно големо натпреварување.

Најпрво ќе мора да се прескокне Косово, а потоа евентуалното финале и последниот чекор пред ЕП ќе биде дуел со Грузија или Белорусија.

Турнирот започнува во Рим на 12 јуни наредната година, групната фаза завршува на 24 јуни, а стадионот „Вембли“ во Лондон ќе биде домаќин на полуфиналињата и големото финале закажано на 12 јули.