ВИДЕО: Фрајбург со „петарда“ го исфрли Генк, Селта ги улови „лавовите“

Фудбалерите на Фрајбург обезбедија пласман во четвртфиналето на Лига Европа, откако на домашен терен го совладаа Генк со 5-1, или убедлив вкупен резултат од 5-2.

  • Фрајбург - Гент 5-1:

Иако белгискиот состав имаше минимална предност по првиот натпревар, реваншот во Германија целосно им припадна на домаќините. Фрајбург уште во раната фаза ја презеде контролата и за само шест минути направи пресврт во вкупниот резултат. Кристијан Гинтер во 19. минута го отвори резултатот, а Игор Матановиќ во 25. минута ја зголеми предноста.

Гостите од Белгија успеаја да се вратат во игра пред паузата, кога Сметс во 39. минута погоди по асистенција на Карекас, внесувајќи неизвесност во натпреварот. Сепак, второто полувреме донесе доминација на избраниците на тренерот Јулијан Шустер. Во период од само четири минути, Винченцо Грифо во 53. и Сузуки во 57. минута практично го решија прашањето околу победникот. Конечните 5-2 ги постави Максимилијан Егештајн во 79. минута, за убедлив триумф на германскиот тим.

  • Лион - Селта Виго 0-2:

Во четвртфиналето, Фрајбург ќе се соочи со Селта, која на гостински терен го елиминираше Лион со вкупни 3-1. По ремито 1-1 во првиот натпревар, шпанскиот состав одигра зрело и дисциплинирано во Франција, искористувајќи ја и бројчаната предност по исклучувањето на Нијакате во раната фаза од мечот за победа од 2-0.

Клучниот момент се случи во 61. минута, кога Хавиер Руеда реализираше по асистенција на Алварез од левата страна, постигнувајќи го првиот погодок. Во самиот финиш, Феран Жутгла ги постави конечните 2-0 во судиското продолжение, додека домаќините натпреварот го завршија со двајца играчи помалку по исклучувањето на Таљафико.

  • Мидтјиланд - Нотингем Форест 1-2 (пенали 0-3):

Нотингем Форест по пенали го елиминира Мидтјиланд од Данска. Регуларниот дел заврши со триумф од 2-1 на премиерлигашот со што се анулира позитивата на Данците од Англија. Домингез и Јатес беа стрелци за „шумарите“. Во екстра-времето немаше голови, додека Нотингем се покажа како подобар пеналџија, во серијата славеа со 3-0.