„Флорентино сака претседател кој ќе го командува, не некој како мене!“

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин зборуваше за словенечките медиуми за неуспешниот обид на големите клубови да организираат приватно и затворено натпреварување наречено Европска Суперлига.

Чеферин посебно се осврна на односот со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.

„Не му се допаѓам на Флорентино? Веројатно не, бидејќи тој сака претседател кој ќе може да го командува. Сака некој кој ќе го слуша и ќе потврдува. Можеби бев малку груб и агресивен кон Ањели, но подобро груб и искрен, отколку лажго.

Постои една мала можност да не се одиграат полуфиналните натпревари на Лигата на шампионите следната недела. Но, од следната сезона ќе биде поинаку.

Немаше да успееме да ја спречиме оваа луда идеја без Румениге, Ал Калаифи и Вацке. Искрена благодарност до нив и до нивните клубови. И да им порачам на клубовите дека ковид-19 не е изговор за нивните долгови. Баерн е актуелен европски првак и нема долгови. Зарем тие не се погодени од пандемијата?“, рече првиот човек на европската фудбалска унија (УЕФА). 

Чеферин потврди дека лут им е на сите дванаесет клубови кои се основачи на Суперлигата, но ја издвои Барса и Лапорта, со кого имал повеќе контакти и кој му признал дека е под голем притисок за влез во Суперлигата.