Флорентино Перез со неочекуван одговор на понудата на Рамос да се врати во Реал Мадрид

Серхио Рамос наводно му се понудил на Реал Мадрид. Клубот од Мадрид има големи проблеми со повредите на стоперите и ќе мора итно ќе реагира во јануари. Рамос е без клуб од летово, откако му истече договорот со Севиља. Се споменуваше трансфер во Бока Јуниорс, но сега Шпанците наведуваат дека легендарниот дефанзивец со задоволство би се вратил да му помогне на Реал. Но, Флорентино Перез експресно му достави негативен одговор. 

Според новинарот Серхио Лопез, Реал одлучил да не го доведе Рамос, но дефинитивно ќе донесе стопер во јануарскиот преоден рок за да ја пополни дупката создадена по повредите. Раководството на клубот го намали изборот на три имиња: Ајмерик Лапорт од Ал-Наср, Кастело Лукеба од РБ Лајпциг и Џонатан Тах од Баер Леверкузен.

Давид Алаба е повреден подолго време, а Реал до крајот на сезоната нема да може да смета ниту на Едер Милитао. Од претходно до крајот на сезоната отпадна и десниот бек Дани Карвахал.

Рамос е легенда на Реал Мадрид и на шпанската репрезентација. Освои сè што можеше да се освои во неговата клупска и репрезентативна кариера. За Реал одигра 671 натпревар.