Флорентино Перез ќе „владее“ со Реал Мадрид до 2029 година

Управниот одбор на Реал Мадрид се подготвува за нови претседателски избори во клубот, а рокот за пријавување на кандидатурите беше отворен на седми јануари. 

Шпанската „Марка“ пишува дека актуелниот претседател, Флорентино Перез, веќе ја поднел својата кандидатура и истата била прифатена од управата, а повеќе од јасно е дека тој нема да има ниту еден противкандидат и сигурно ќе добие нов мандат со важност до 2029 година. 

Иако гласно се шпекулираше дека Перез ќе замине во пензија и ќе посочи свој наследник на функцијата, сепак реши да остане уште четири години во „кралскиот“ клуб и повторно да го предводи кој најголемите успеси во фудбалот. 

Реал ги „допре ѕвездите“ под водство на актуелниот газда и очигледно е дека нема потреба за никакви промени во овој сегмент, а навивачите веќе изразија поддршка и ја поздравуваат одлуката на Перез, кој веќе победуваше на изборите во 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

77-годишниот Перез е најуспешниот претседател во историјата на клубот, освои неверојатни 37 титули, пет повеќе од легендарниот Сантијаго Бернабеу. Откако вторпат се врати на чело на „кралевите“ во 2009 година, неговиот статус не беше предизвикан ниту еднаш.