• Горан Упале
Ханси Флик како тренер на Баерн Минхен водел големи битки со Борусија Дортмунд и поради тоа знае што ја очекува неговата Барселона на гостувањето на „Сигнал Идуна Парк“. Во првиот натпревар каталонскиот гигант извојува убедлива победа од 4-0, но и покрај тоа германскиот стратег истакна дека не е сè завршено и неговиот тим мора да одигра на ниво и на реваншот.
„Резултатот од 4-0 е фантастичен, но не сме уште во полуфиналето. Знам како е да се игра во Дортмунд, знам колку е тешко таму. Фудбалот е непредвидлив, сум видел поголеми пресврти. Мораме да бидеме максимално подготвени, да играме со истата страст и концентрација како во првиот натпревар. Борусија има брзи играчи и голем квалитет во нападот, па не смееме да дозволиме грешки.
Мојот тим е свесен за предизвикот, и ќе одиме таму да победиме, а не да се браниме. Имаме јасен план, но сега веќе размислуваме и за следните предизвици. Важно е да го задржиме ритамот. Имаме одлична атмосфера во екипата, но мораме да останеме смирени и да работиме напорно. Ова е само прв чекор, има уште многу работа“, рече германскиот стратег.
Средбата во Германија се игра во вторник со почеток од 21:00 часот.