• Саше Љолес
Англискиот репрезентативец Ентони Гордон неодамна се приклучи на подготовките на Барселона, а тренерот Ханси Флик веднаш се уверил дека каталонскиот клуб добил сериозно засилување.
Гордон летово изненадувачки пристигна од Њукасл за 70 милиони евра и потпиша петгодишен договор. Иако подоцна се приклучи на подготовките поради настапот на Светското првенство, Англичанецот пристигна во одлична физичка форма, што особено го воодушевило Флик.
Шпанските медиуми пишуваат дека Гордон брзо се вклопил во системот на Барселона и одлично бил прифатен од новите соиграчи.
Примарно игра на лево крило, но на тренинзите покажал дека може да одговори и на позицијата напаѓач. Тоа е особено важно за Флик, бидејќи Барселона летово остана без Роберт Левандовски и Феран Торес, а сè уште нема доведено класична „деветка“.
Барселона на „менито“ има уште две пријателски средби - против Базел и Ал-Ахли. Сезоната во Примера ја започнува на 23 август, кога ќе гостува кај екипата на Елче.








