• Мартин Танасковски
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, порача дека неговиот тим е целосно фокусиран на победа во утрешното Ел Класико против Реал Мадрид, иако каталонците се на чекор до нова титула во Ла Лига. Германскиот стратег беше запрашан и за скандалите во соблекувалната на Реал, особено за инцидентот меѓу Орелиен Чуамени и Федерико Валверде.
„Тоа се работи што се случуваат насекаде во светот, не само во Реал. Малку бев изненаден, но не сакам да зборувам за тоа. Тоа не е мој тим, не е мој клуб. Од моја перспектива, најважно е да се работи како екипа“, изјави Флик.
Тој нагласи дека атмосферата во соблекувалната на Барселона е одлична.
„Имаме фантастични односи. Може да се види поврзаноста меѓу играчите од Ла Масија, кои се познаваат уште од својата 12-та година. Секако, сите сме луѓе и грешки може да се случат, но јас сум многу среќен со мојот тим. Имаме одлична комуникација и тоа е многу важно“, рече тренерот.
Флик потенцираше дека нема намера да менува ништо во пристапот на екипата.
„Не треба да менуваме ништо од тоа што го правевме досега. Имаме одлична сезона и во последните натпревари покажавме самодоверба и квалитет. Тоа мора да го повториме и утре“, порача Германецот.
Тој додаде дека тимот мора да го направи „последниот чекор“ кон титулата.
„Играме за да освоиме титула. Целиот тим е важен, но играчите од Ла Масија со нивниот менталитет и филозофија многу помагаат. Утре нема да биде лесно, сите ќе го дадат максимумот“, истакна Флик.
Говорејќи за најголемата ѕвезда на Реал, Килијан Мбапе, тренерот на Барса имаше само пофални зборови.
„Мбапе е еден од најдобрите играчи во светот. Има неверојатни квалитети и за мене е меѓу најдобрите“, изјави Флик.
За крај, тој подвлече колку Ел Класико значи за двата клуба.
„Играме дома, имаме одличен тим и поддршка од навивачите. Ел Класико е посебен натпревар за сите, за Реал, за Барса, за играчите и за тренерите. Сакам да одиграме голем натпревар и да победиме“, заврши Флик.
Барселона има 11 бодови предност на четири кола до крајот и дури и реми против големиот ривал би било доволно за математички да ја обезбеди шампионската титула.

