Флик: Покажавме сензационален менталитет, фудбалот често пишува убави приказни

Баерн Минхен ја отвори сезоната како што ја затвори минатата – со трофеј. Во Суперкупот на УЕФА, германскиот гигант, иако пред себе ја имаше расположената и секогаш незгодна Севиља, сепак најде решение и славеше со минимални 2-1.

Германскиот стратег на клупата на Баварците, Ханс Флик, по натпреварот во Будимпешта им честита на своите избраници за извојуваната победа, која според него беше заслужена. 

„Ова беше интензивен натпревар, но заслуживме да победиме. Сè уште не сме во полн ритам, и покрај високата победа над Шалке 04 минатиот викенд. Но, менталитетот на тимот, особено откако Севиља поведе со 1-0, беше сензационален. Тие успеаја да се вратат против многу силен противник и ја заслужија победата. Наш херој е Мартинез, за кого се зборуваше дека е на пат за Билбао, но ете тој го реши натпреварот. Понекогаш фудбалот пишува убави приказни“, рече Флик.

Флик на клупата на Баерн Минхен е помалку од една година, тимот го наследи во многу критична ситуација, но веднаш го пронајде вистинското решение и синоќешниот трофеј е негов четврти со германскиот гигант.