Флик по елиминацијата од Кил: Разочарани сме, ова е шок за нас!

Фудбалерите на Баерн Минхен беа шокирани на „Холштајн-стадион“ и доживеаја елиминација во 1/16 финалето од Купот со поразот од Кил по пенали. Иако баварците беа пред пласман понатаму, во 95. минута примија гол, а потоа загубија на пенали. 

Тренерот на европскиот и германски првак, Ханси Флик беше видно разочаран по поразот. 

„Ова за нас е вистински шок, многу сме разочарани. Нивниот прв гол е пресликан од последните натпревари. Не се браниме добро во последниов период. Мораме да се подобриме, тимот мора да прејде преку овој пораз и да продолжи со работа“, изјави Флик.

Екипата од Минхен последен пат беше елиминирана во оваа фаза од натпреварувањето пред околу 20 години. За нив оваа сезона со сигурност нема да биде успешна како претходната, бидејќи веќе сега останаа без шанса за еден од трофеите кои ги освоија во 2020 година.