Флик: Црвена Звезда игра допадливо, но ние дојдовме по победа

Иако Барселона е огромен фаворит на гостувањето кај Црвена Звезда во Лигата на шампионите, тренерот Ханси Флик на прес-конференцијата рече дека неговиот тим ќе влезе со максимална концентрација во мечот и нема да го потцени ривалот. 

Белград се подготвува за фудбалски спектакл, навивачите потајно се надеваат на некакво изненадување, но Барса е сепак во силен налет и прикажува одлична форма периодов. Флик е дециден дека Звезда игра допадлив фудбал, но Барса посакува да го освои целиот плен во српската престолнина. 

„Не се залажуваме, знаеме дека мечот ќе биде тежок. Звезда има солиден тим и не случајно игра во елитата. Секако, ние доаѓаме со мисла за освојување на бодовите, но ќе мора добро да се испотиме за да ја оствариме целта. 

Нашата идеја е да играме убав фудбал и да делуваме компактно на теренот. Ривалот исто така негува интересен и допадлив стил. Моите играчи сфатија дека не смееме да се опуштаме и да ја потценима Звезда“, рече Флик. 

Натпреварот помеѓу Црвена Звезда и Барселона ќе се одигра на шести ноември, со почеток во 21:00 часот. Каталонците ја бараат третата победа сезонава, додека белградскиот гигант е без триумф по три одиграни кола.