• Горан Упале

Македонскиот фудбалски бренд Вардар по пауза од две сезони се врати во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), но се чини дека не успеа да се справи со проблемите. Тимот игра лошо, има само една победа и со само четири бода е на последната позиција на табелата во ПМФЛ, но проблемите во редовите на „црвено-црните“ се поголеми, барем така може да се окарактеризира последната објава на клубот на социјалните мрежи.
„Време е ФК Вардар да го каже својот збор. Доста беше“, вака клубот ја најави прес-конференција која што треба да се одржи во петок.
„Време е ФК Вардар да го каже својот збор. Доста беше! В петок закажуваме вонредна прес-конференција, која ќе се одржи во просториите на прес-салата при СЦ „Јане Сандански“, во населбата Аеродром, а која симболично ќе започне во 5 за 12, односно во 11:55 часот.
Ги повикуваме сите медиуми и навивачи да дојдат, со цел да бидат запознаени со целокупната вистина. Време е да им го честитаме последното место на табелата, на тие кои ветија дека ќе бидат тука и ќе помогнат, а кои на крајот му го свртеа грбот на клубот на народот!
Прес-конференцијата ќе биде емитувана во живо на официјалните страници на ФК Вардар и навивачката група „Комити“, пишува во објавата на клубот.
Вардар пред извесен период беше приморан да менува тренер. Грнчаров го напушти кормилото, а неговото место го зазеде Александар Васоски.