• Горан Упале
Најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија, Вардар, во средата забележа пораз од шампионот Струга (1-3) во 16. коло од ПМФЛ, а од редовите на „црвено-црните“ објавија соопштение во кое се жалат од судењето на главниот судија, како и од прославата на противничкиот играч Згуро.
Вардарци сметаат дека судијата Крунослав Ѓоргиев не им досудил чист пенал, додека прославата на Згуро ја оценуваат како нецивилизирана.
„На натпреварот против Струга Трим Љум бевме сведоци на уште едно катастрофално судење и на уште една крајно невкусна националистичка провокација. Судијата Крунослав Ѓоргиев и фудбалерот на Струга Ванѓел Згуро, се најголемите трагичари на овој натпревар. Првиот поради, пред сè ужасната проценка при ситуација на очигледен пенал во корист на Вардар, а Згуро поради нецивилизираната прослава на голот, кога кон клупата на Вардар упати низа на националистички пораки.
Ситуацијата е алармантна. Недозволиви се вакви грешки, вакви пропусти, ваков аматерски пристап, кој одново и одново се повторува. Недозволиво е судија како Крунослав Ѓоргиев кој не само што не досуди очигледен пенал и не досуди директен црвен картон за фудбалерот на Струга, туку и не реагираше ниту на срамната провокација на Ванѓел Згуро, а ниту па на прекршокот направен врз Матеус Лемос. Ова едноставно е недозволиво!
Однесувањето на фудбалерот Згуро, посебно загрижува. За жал, кога ваквите појави не се санкционираат, истите се повторуваат. Да напоменеме дека овој гнасен чин кој Згуро го направи, доаѓа по националистичките испади на навивачите на натпреварот во Чаир, а кои во изминатиов период, драстично зачестија. Сметаме дека е време, да се запрашаме - до кога ваквите испади ќе се толерираат?!
Бараме од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) веднаш да биде казнет судијата Крунослав Ѓоргиев, поради грешките со кои директно му наштети на Вардар, а фудбалерот Згуро, поради националистичкиот испад, веднаш да биде соодветно санкциониран!Се работи за македонскиот фудбал! Бараме одговорност!“, се вели во соопштението на Вардар.
Згуро по натпреварот со Вардар ги разреши сите дилеми околу неговиот потег. Тој изјави дека не се работи за провокација, туку затоа што тој е Албанец, така ги слави сите голови.