• Иван Димовски

Фудбалскиот клуб Вардар објави ново соопштение поврзано со продажбата на билети за бараж натпреварот за опстанок во ПМФЛ против Детонит Плачковица кој ќе се игра во Струмица.
Откако прво се пожалија дека не им биле исполнети барањата од страна на ФФМ, сега вардарци откриваат дека во дел од продажната мрежа воопшто немало билети. Вардар нагласи дека нема да дозволи поигрување со навивачката армија која стои зад клубот, а ги повика своите приврзаници да дојдат во Струмица и ако немаат билети. Продажба ќе се врши и непосредно пред натпреварот на стадионот „Младост“.
„До клубот постојано пристигнуваат поплаки дека во голем дел од продажните места, билетите воопшто не се достапни.
Свесни сме дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не само што организациски целосно потфрли, туку веќе станува и повеќе од јасно дека зад сево ова стои единствено намерата, во Струмица да има што е можно помал број на навивачи на Вардар.
Како клуб никогаш нема да дозволиме поигрување со огромната армија на наши навивачи, затоа упатуваме апел за масовно присуство пред стадионот. Ние сме гаранција дека сите ќе влезат на стадионот. Оваа борба, искрено и чесно заедно ја започнавме, заедно и ќе ја завршиме. Утре мора да победи правдата!
Да не дозволиме лошите и аматерски одлуки на ФФМ да не поколебаат пред најважната битка. Црвено-црната утре сепак ќе доминира! Северната трибина е наменета за нашите навивачи, а продажба на билетите ќе се врши утре (недела 26 мај) пред стадионот. Силата на нашите навивачи е голема и искрено апелираме никој да не се ни обидува утре да ја тестира“, стои во соопштението.
Пресметката меѓу Вардар и Детонит Плачковица во Струмица ќе се одигра в недела во терминот од 17:00 часот.