• Мартин Танасковски

Фудбалскиот клуб Вардар објави соопштение по повод обвинувањата од кратовски Силекс и реакцијата за судењето на Фуркан Идризи во рамки на Купот на Македонија.
Раководството на црвено-црните имаше жесток одговор до управата на некогашниот првак на Македонија, во кое искористи низа сериозни зборови кои Ви ги пренесуваме во целост:
„Вардар не сака и нема да навлегува во расправии со примитивни и провинциски структури на фудбалското подземје и кладилничарската мафија во Македонија собрана во кратовскиот прволигаш.
Злоупотребата на истоимената телевизија од истоимениот клуб на феудалната фамилија е работа на немоќ и безидејност. И се коси со било кои новинарски стандарди, норми и морал. За жал по Силекс, дојдено е времето на “новото нормално” на кое ќе треба да се привикнат, односно време каде нема нарачки на подобни судии кои треба да го обезбедат резултатот што спортски не можат и не заслужуваат да го постигнат.
Како што беше случај есеноска кога на Арената ни дадоа гол од офсајд во 95-та минута кој беше поништен, а потоа по долги “консултации” беше признат. Вардар тогаш не плачеше, се сврте кон себе и кон решавање на своите проблеми. Плачењето им го остави на размрсулавените плачковци.
Фактите кажуваат дека ФК Вардар вчера имаше посед на топка од 75%, 15 шута од кои 8 во рамките на голот и 6 стонастотни шанси. Нашите противници Силекс од Кратово, предводени од луѓе што го финансираат клубот од фиксирање натпревари, и кои своевремено го испаднаа Пелистер од првата лига, немаа ниту еден удар во рамките на нашиот гол.
Единствената грешка што вчера ја направи нашата екипа е што не му даде 3-4 гола на Мали Ѕинго. Затоа со душа ја чекаме средбата што меѓу нас и нив ќе се одигра во третиот круг од прволигашкото натпреварување, каде на терен ќе се покаже кој е кој.“, велат од ФК Вардар.
Вардар го победи Силекс со 1-0 во Купот на Македонија, а за единствениот гол од ФФМ истакнаа дека постоело судиска грешка. Во анализата на судиите стои дека направена е погрешна проценка од првиот асистент судија при постигнувањето на голот на домашната екипа и истата уште по завршување на натпреварот е потврдена од контролорот.