ФК Вардар: Бараме итна смена на комесарот за делегирање и воведување на ВАР!

Скопскиот прволигаш Вардар преку официјално соопштение до јавноста се обрати до претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Управниот одбор и Судиската организација во земјава. 

Вардарци побараа итна промена на комесарот за делегирање на судиите, Марјан Ристовски. Исто така повикаа на итно воведување на ВАР технологијата од следната сезона, ама се осврнаа и на другите клубови. Од Вардар порачаа дека вината за лошите резултати тие првично ја бараат кај себе, наместо како некои други (алудирајќи на Шкупи) кај судиите и ФФМ. 

„Со оглед на многуте гласни коментари на повеќето клубови од Првата и Втората фудбалска лига, ние како ФК Вардар започнуваме иницијатива за ИТНА смена на комесарот за делегирање на судии, Марјан Ристески. 

Воедно како клуб за неуспесите и поразите вината прво ја гледаме во сопствените редови, но по консултација со стручни лица и со оглед на фактите од изминатите тринаесет кола, може да се констатира дека Вардар е најоштетен во однос на судиските грешки. Ние никогаш јавно не излеговме со соопштенија и реакции за разлика од други клубови кои со мизерни реакции се обидуваат да ги негираат нашите победи. 

Ние како клуб оставаме на телата и органите на ФФМ да си ја работат работата и да ја покажат својата стручност околу грешките и спорните моменти. 

Поради ова бараме и од останатите клубови поддршка на оваа иницијатива за ИТНА смена на комесарот за делегирање на судии и радикални ставови на сите клубови за воведување на ВАР технологија за следната сезона. 

Промената на раководството на судската асоцијација, поточно барањето за разрешување на Марјан Ристески, се припишува на неколку фактори, вклучувајќи ги проблемите кои гласно ги посочуваат клубовите од македонскиот шампионат по секое натпреварувачко коло и потребата за иновации од организацијата. Промените се бараат за поголема усогласеност со промената кон поголема транспарентност и одговорност, вкучувајќи значително учество на членовите во изборот на наследник кој ќе го води со фокус на модернизирање и зајакнување на судискиот систем“, напишаа од ФК Вардар.

Пред репрезентативната пауза Вардар скокна од дното на табелата и сега е претпоследен со еден бод повеќе од Тиквеш. Во следното коло скопјани гостуваат кај Воска Спорт, директен конкурент во битката за опстанок.