ФК Работнички: Жалиме за прекинот, ние секогаш ќе се залагаме за фер-плеј

Пресметката меѓу Гостивар и Работнички во рамките на 29. коло на Првата македонска фудбалска лига не го дочека својот крај. Гостиварци го напуштија теренот во 85. минута и поради тоа претрпеа службен пораз од 0-3. 

Следуваа соопштенија и реакции од страна на Фудбалската федерација на Македонија и клубот Гостивар. Сега се огласи и Работнички кој изрази жалење за крајот на натпреварот. 

„Фудбалскиот клуб Работнички жали што вчерашниот натпревар од 29.коло во Првата лига беше прекинат и фудбалерите на ФК Гостивар го напуштија теренот.

Ние секогаш ќе се залагаме за спортски фер-плеј и за фудбалско витештво, без разлика колкаво е значењето на натпреварот, со максимална почит кон сите субјекти (противници, судии, претставници на ФФМ, навивачи).

ФК Работнички секогаш максимално ќе се залага фудбалот да биде на прво место и бодовите да се освојуваат токму на теренот“, напишаа од скопскиот клуб.

И претходниот викенд имаше напуштање на терен од страна на Воска Спорт, а ова беше нов скандал од исти размери.