Поповски: Работнички категорично демантира дека бил дел од „местенки“

Македонскиот прволигаш Работнички ги негира наводите во текстот на Gol.mk за инволвираноста на македонски клубови во сомнителни натпревари кои биле под истрага на УЕФА. 

Соопштението, потпишано од претседателот Драган Поповски, ви го пренесуваме во целост:

Работнички категорично ја демантира веста на спортскиот портал „Gol.mk“, во која е вметнат меѓу клубовите кои биле гонети за „местенки“. Истовремено бараме порталот комплетно да ја повлече оваа вест или во спротивно ќе мораме правата да си ги заштитиме по судски пат. 

Текстот со наслов „Од Победа, до Милано и Вардар: Кои македонски клубови биле гонети за „местенки“?“ содржи невистини, кои сериозно го нарушуваат угледот на Работнички, а може и да го загрозат присуството на моќните спонзори како компанијата „Сеавус“. Доколку информацијата не биде повлечена и не следи демант и извинување, ФК Работнички ќе биде приморан да преземе правни мерки за докажување на вистината.

Објавата на Gol.mk се базираше на информација од 2009 година во која Associated Press наведува дека неколку македонски клуба биле „под лупа“ за наместени натпревари.

Се извинуваме што формулацијата на нашиот текст оставаше впечаток дека сите наведени клубови биле гонети поради местење на натпревари, што воопшто не е случај.