• Иван Димовски

Фудбалскиот клуб Гостивар објави ново соопштение по натпреварот со Тиквеш. Откако вчера се жалеа за арбитражата на Марјан Младеновски, сега гостиварчани упатија далеку посериозни обвиненија.
Имено, дел од тимот почувствувал мачнини пред натпреварот, а потоа се утврдило дека има масовно труење. Гостивар во соопштението обвини за саботажа од страна на Тиквеш и кавадарчани, сè со цел да се победи фудбалски натпревар.
„Нашиот тим престојуваше во хотел во Кавадарци ноќта пред натпреварот против Тиквеш. Утрото пред мечот, неколку играчи и членови на персоналот почнаа да се чувствуваат лошо. Првично мислевме дека се работи за едноставен случај на труење со храна или индивидуална болест и очекувавме да мине до стартот на натпреварот.
Меѓутоа, кога тимот излезе на загревање истата непријатност ги зафати и играчите. Бидејќи имаше малку време до стартот, за да избегнеме казни моравме да играме.
По натпреварот состојбата на некои играчи се влоши, па беа испратени на преглед во Скопје. Извршените тестови на крвта потврдија труење кај овие играчи, што нè доведе до сомнеж за саботажа. Како резултат на тоа и останатите членови на тимот беа на прегледи. Дури и повеќе од 24 часа подоцна, кај сите во тимот што престојуваа во хотелот е откриено истото труење во крвта.
Кога ќе се поврзат сите скандали што ги доживеавме, станува јасно дека сме жртви на голема завера и нашиот труд е украден. Здравјето на десетици луѓе беше загрозено само за да нè победат во фудбалски натпревар. Ве известуваме дека извештаите за оваа работа ќе бидат доставени и до федерацијата и до судските органи, со барање за истрага за одговорните“, напишаа гостиварчани.
Останува да видиме како ќе се развива оваа ситуација во иднина, особено по сериозните обвиненија до домаќинот од Кавадарци.